
Борко Ристовски станува дел од раководството на Вардар!
Ристовски решил официјално да стави крај на долгата и богата кариера, сепак ниту тој ќе остане без ракомет, ниту ракометот ќе остане без него. Спорт1 дознава дека на обострано задоволство, со првиот човек на Вардар, Михајло Михајловски, се договориле Борко да остане во клубот, како дел од раководната структура.
Оваа информација би требало да биде официјализирана задутре, на прес-конференција на Вардар, каде што ќе бидат претставени и останатите засилувања и ќе бидат споделени плановите на клубот за претстојната сезона.
Вардар доби дозвола од ЕХФ да се врати на евро-конкуренциите, по една сезона пауза, па ќе почне од квалификациското коло во Европската лига. Со цел што подостојно враќање во Европа, наспроти заминувањата од тимот, клубот веќе договори неколку странски засилувања како Стефан Петриќ, Косуке Јашухира, Матија Николиќ, Марко Срдановиќ, Нилтон Мело и Ансер Родригез.
Ристовски, кој има 40 години и околу деценија и пол интернационално искуство во странски клубови, ќе биде од голема полза за прилагодувањето на новите играчи, но и за зацврстување на старото јадро, под водство на тренерот Владо Недановски.