Малта со еден дебитант, еден повратник и четири „странци“ доаѓа во Скопје

Првиот противник на Македонија, аутсајдерот Малта со еден дебитант, еден повратник во тимот и четири „печалбари“ доаѓа на мегдан во Скопје на стартот на евроквалификацискиот циклус за пласман на Еуро 2024 во Германија, откако селекторот Микеле Марколини го објави списокот со 31 фудбалер.

Малта на 23 март на Националната Арена „Тодор Проески“ ќе се судри со Македонија, а три дена подоцна е домаќин на Италија во своите две воведни пресметки во новиот циклус месецов, за разлика од Македонија која во второто коло е слободна, кога уште ќе играат Англија и Украина.

Дебитантски повик во селекцијата доби Лук Табон од Гзира јунајтед, а после подолго време во националниот тим се враќа и Јаник Јанкам од Биркиркара. Од четворицата „печалбари“, најзвучно име е Теди Теума кој игра во извонредниот белгиски прволигаш Унион Сен Жил, додека останатите тројца се Џејмс Браун од шкотски Сент Џонстон, Зак Мускат од португалски Фаренсе и Џоди Фелис Џонс од англиски Нотс Каунти.

Малтежаните веќе од утре ги почнуваат подготовките, без странците, кои подоцна ќе се приклучат и ќе имаат десетина дена за подготовка за првиот меч со Македонија, за разлика од црвено-жолтите, кои дури идниот викенд ќе ја почнат „операцијата Малта“.

Марколини кој е нов селектор на малтежаните, на крајот на минатиот месец веќе имаше еден мини-камп со фудбалерите од домашното првенство за да ги запознае со својата философија и со очекувањата за следниот период.

СОСТАВ НА МАЛТА

Голмани: Хенри Бонело (Хамрун), Каин Формоса (Валета), Метју Грич (Сиренс)

Одбрана: Фердинандо Апап (Хибернијанс), Лук Табон (Гзира), Стив Борг (Хамрун), Карл Микалеф (Гуџа), Џејмс Браун (Сент Џонстон, Шкотска), Тристон Каруана (Валета), Зак Мускат (Фаренсе, Португалија), Енрико Пепе (Биркиркара)

Среден ред: Хуан Корбалан (Хамрун), Риан Камензули (Хамрун), Адам Магри Оверенд (Флоријана), Стивен Писани (Гзира), Метју Гиламер (Хамрун), Каин Атард (Биркиркара), Николаи Мускат (Гзира), Бјорн Кристенсен (Хибернијанс), Брендон Диего Паибер (Валета), Јаник Јанкам (Биркиркара), Матијас Николас Гарсија (Флоријана), Теди Теума (Унион Сен Жил, Белгија), Јозеф Мбонг (Хамрун), Дунстан Вела (Хибернијанс)

Напад: Јурген Дегабриел (Хибернијанс), Шон Димех (Валета), Џоди Фелис Џонс (Нотс Каунти, Англија), Кириан Нвоко (Санта Лусија), Пол Мбонг (Биркиркара), Александер Сатариано (Балзан).