„Знаевме дека Нено не може сам да ја победи Литванија - макар постигнал и 100 поени!“

Литванската кошаркарска репрезентација ја обезбеди визата за настап на Европското првенство (ЕП) во 2025 година по синоќешната убедлива победа Македонија (94-72), извојувана и покрај извонредниот настап на Ненад Димитријевиќ, кој постигна рекордни 43 поени, со што стратегијата на селекторот Римас Куртинаитис се покажа како успешна.

Тој по натпреварот истакна дека планот не бил насочен кон запирање на македонскиот лидер, туку кон ограничување на ефективноста на останатите играчи во нашиот тим.

„Бевме свесни за способностите на Димитријевиќ. Тој е играч кој може да шутира, да продира и да организира игра, но нашата стратегија беше да ги затвориме другите шутери и да играме 40 минути интензивно. Еден кошаркар не може сам да победи натпревар, особено не во 21 век, макар постигнал и 100 поени“, рече Куртинаитис.

Иако Димитријевиќ постигнуваше поени со леснотија, особено во првото полувреме кога веќе имаше 28 поени, литванската репрезентација се фокусираше на одржување на висок ритам и константна тимска игра. Тоа донесе резултат во третата и четвртата четвртина, кога Литванија успеа целосно да го контролира натпреварот. Куртинаитис ја пофали и енергијата на младите играчи, особено Ажолас Тубелис, кој во второто полувреме внесе свежина и дополнителен импулс во играта.