Војдан Стојановски: Со По Ортез потпишав на два месеци, ама мислам дека ќе се исплати!

По неколкумесечно бирање и одбивање понуди од Русија, Казахстан и Грција, капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, денеска и официјално има нов клуб и тоа француски По Ортез.

Малку необично е што договорот е потпишан на само два месеци, но тоа воопшто не носи грижи кај најдобриот македонски кошаркар во последните неколку сезони.

„Првпат во кариерата ќе играм за француски клуб и тоа за еден од најпознатите во историјата на кошарката на оваа земја. Долго чекав на новиот клуб, но сега сѐ си дојде на свое место. Бев нетрпелив, но чекањето мислам дека максимално ќе се исплати. Договорот е со важност од два месеци, а го прифатив од проста причина што ова, сепак, е Франција, но и поради тоа што играат во Лигата на шампионите на ФИБА“, изјави Стојановски.

Ако сѐ биде според договореното, Стојановски би дебитирал во дресот на новиот клуб на 17. декември и тоа во дуел од ЛШ против германската екипа Раста Вехта. Следниот меч е од домашниот шампионат, три дена подоцна, против екипата на Шалон.

„Најважно ми беше да почнам да играм, потоа ќе биде многу полесно. Факт е дека ќе ми треба време да се ‘пронајдам’ со екипата, но тренерот ги знае моите квалитети, а тоа е и една од причините што прифатив да потпишам за По Ортез. Очекувам брза аклиматизација, а на него е да одлучи кога ќе заиграм“, дополнува капитенот на репрезентацијата.

Договорот на Војдан доаѓа во вистинско време и за Македонија, со оглед што ќе биде во натпреварувачка форма до стартот на квалификациите за ЕП 2021 следниот февруари, кога ќе играме против Естонија (дома) и Русија (гости).