Ужасен финиш: Младинците прокоцкаа плус осум, па беа прегазени од Холандија (ФОТО)

Македонската репрезентација за кошаркари до 20 години со непријатен пораз го почна настапот на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, откако во меч одигран во Ереван (Ерменија) загуби во пресметката со Холандија (58-78).

Избраниците на селекторот Горан Самарџиев мечот го загубија во последната четвртина (10-28), во која одиграа катастрофално, пред се во нападот, со што му дозволија на противникот со серија 19-2 да дојде до огромна предност (69-52) и прв триумф на првенството. Жолто-црвените до тогаш играа повеќе од солидно, а со серија 17-4 на крајот од првиот и почетокот на вториот период дојдоа до убедливи плус осум (27-19). Но, наместо да продолжат со ист ритам, тие попуштија и му дозволија на противникот прво да ги стигне, а потоа и да дојде до убедлива победа.

Коста Ќириловски со 14 поени, четири скока и пет асистенции и Марко Лукановски со 13 поени и седум скока беа нешто подобри од останатите, а се издвои и Стефан Стојковиќ со девет поени и 10 скока.

Македонија со овој пораз драстично си ги намали шансите за едно од првите две места во групата Ц кои водат во четврт-финалето. Наш следен противник е Австрија во меч што ќе се одигра утре со почеток во 19 часот.