Тоа би било „бомба“: Емил Рајковиќ во игра за тренер на рускиот гигант ЦСКА!

Сигурно најдобриот македонски тренер во моментов, Емил Рајковиќ, е во игра за нов тренер на рускиот гигант ЦСКА, откако „Слободен агент“, руски канал специјализиран за кошарка на мрежата „Телеграм“ потврди дека неговиот агент веќе имал контакти со управата на клубот од Москва.

„Армејците“ летово ќе се разделат од долгогодишниот предводник Димитриос Итудис, поради што веќе почнуваат да бараат негов наследник. Зад Рајковиќ се неколку фантастични сезони во ВТБ-лигата, прво со Астана, а потоа и со Автодор, со што го привлече вниманието и на далеку побогатите и поквалитетни руски екипи. Евентуален негов трансфер во ЦСКА би бил убедливо најзначаен во историјата на македонската кошарка, а според добрите познавачи тој и не е така неостварлив, особено ако ЦСКА не добие дозвола за настап во Евролигата следната сезона. Во таа ситуација, буџетот би бил помал, амбициите поскромни, ситуација како идеална за давање шанса на помлад тренер како Рајковиќ, кој би можел да биде долгогодишно решение за клубот од престолнината на Русија.

Според овој извор, услугите на Македонецот биле понудени и на Зенит, вториот по квалитет и рејтинг руски тим, кој исто така бара ново тренерско решение. Истата комбинација со неиграњето во Евролига важи и за овој клуб, па така и логиката за инвестиција во тренер како Рајковиќ, кој би можел дополнително да напредува и да биде на ниво на квалитетен евролигашки потенцијал за периодот по симнувањето на санкциите на руските клубови.