Кошаркарите на Македонија се на милиметри до пласман во квалификациите за ЕП 2025, откако вечерва дојдовме до четвртиот триумф во четвртиот претквалификациски меч совладувајќи ја незгодната Данска (74-71) по едно продолжение.

Тоа беше победа остварена во драматичен меч кој траеше речиси два ипол часа, во кој противникот пружи исклучително силен отпор и имаше водство во скоро 40 од вкупно одиграните 45 минути. Но, тоа не им беше доволно на Данците да дојдат до првиот успех во групата, а најголем „виновник“ за тоа беше нашиот Американец – Ти-Џеј Шортс. Тој веќе на вториот меч во жолто-црвениот дрес покажа дека би можел да биде новиот Лестер Мекејлеб, односно лидер кон нов успешен период на макбаскетот.

Најдобриот стрелец во Бундеслигата минатата сезона блескаше во Гевгелија и беше убедливо најзаслужен за успехот со учинок од 33 поени и шест асистенции. Тој ги погоди клучните пет слободни фрлања во екстра периодот, а погодуваше и секогаш кога ни беше најпотребно. Данските кошаркари долго ќе жалат за пропуштената шанса со оглед што имаа плус осум (60-52) кон средината на последната четвртина, но избраниците на селекторот Александар Јончевски со серија 12-4 дојдоа до 64-64 пред последниот напад на противникот. Гостите имаа два зицери да го решат мечот во регуларниот дел, но на наша среќа промашија, па во продолжението дојдовме до тоа што го посакувавме.

Стојан Ѓуроски со 11 поени и шест скока беше веднаш за македонскиот Американец, а двоцифрен ефект имаше уште и Војдан Стојановски со 10 поени и пет скока. За одбележување е што Македонија играше со 11 кошаркари во ротација, но само петмина од нив се запишаа во листата стрелци. Адама Дарбо беше убедливо најдобар кај Данска со 21 поен, седум скока и 10 асистенции, додека Јонас Зохоре имаше 11 поени и 13 скока, а за наша среќа и промашување за победа на неговата селекција буквално од под самиот кош.

Македонија сега има скор 4-0 и е убедливо прва во групата, додека зад нас се Норвешка и Словачка со по 2-2, додека Данците имаат 0-4. Ова значи дека бараем една победа во февруарскиот циклус гостувања кај Норвежаните и Словаците сигурно ќе ни го донесе првото место кое единствено води во квалификациите, но постојат големи шанси тоа да го обезбедиме дури и со два порази во овие средби.