Кошаркарите на Аргентина третпат во историјата ќе бидат дел од финалната пресметка на едно Светско првенство (СП), откако попладнево со сигурна игра во сите 40 минути, апсолутно заслужено, ја совладаа Франција (80-66) во второто полуфинале на Мундобаскетот во Кина.

„Гаучосите“ доминираа од стартот до крајот, а кога противникот се закани со евентуален пресврт во последната четвртина, на сцена стапи највозрасниот, 39-годишниот Луис Скола, кој со серија поени повторно донесе двоцифрена предност која беше знак за големо славје на трибините. Французите немаа сили да ја повторат блескавата игра од дуелот со САД, па на крајот мораа да му честитаат на подобриот ривал.

Скола со 28 поени и 13 скока беше убедливо најдобар кај Аргентина, додека Нтиликина и Фурние со по 16 поени беа најпрецизни кај „галските петли“. За тимот од Јужна Америка ова ќе биде трето финале и можност да дојдат до второто злато, со оглед што беа шампиони на првиот Мундобаскет во 1950 година, а загубија во финалниот дуел против СР Југославија во 2002 година во Индијанаполис (САД).

Противник на „гаучосите“ ќе биде селекцијата на Шпанија, која претходно денеска ја совлада Австралија. Големото финале се игра задутре (14 часот), додека утре на програмата се дуелите помеѓу САД и Полска (10 часот) за седмото место односно помеѓу Србија и Чешка (14 часот) за петтата позиција на СП во Кина.