Спектакуларниот Дончиќ ќе дојде во Скопје да го испрати Перо Антиќ во пензија!

Трикратниот европски клупски шампион со Олимпијакос (двапати) и Фенербахче, Перо Антиќ, следното лето и официјално ќе се прости со кошарката и тоа, како што самиот најави, со спектакуларен натпревар за збогум на кој ќе присуствува европскиот и светски играчки и тренерски крем.

Во синоќешното интервју на „Антена 5“ радиото, поранешниот репрезентативец откри дека на овој настан ќе присуствува и словенечката НБА-сензација, Лука Дончиќ, неговиот соиграч од Атланта хокс, Ал Хорфорд, како и најголем дел од тренерските имиња со кои работел, меѓу кои дефинитивно ќе биде и легендарниот Жељко Обрадовиќ.

„Не сакам премногу да откривам за овој настан, но уште сега може да потврдам дека Дончиќ и Хорфорд сигурно ќе дојдат, заедно со многу други поранешни соиграчи кои се имиња во европската кошарка. Во Скопје ќе бидат и тренерите со чија заслуга направив тоа што направив во кариерата“, изјави Антиќ.

Еден од најзаслужните за историскиот успех на Македонија на ЕП во Литванија во 2011 година, каде што завршивме на четвртото место, во неколку наврати во завиена форма ја потврди можноста актуелната сезона да ја доврши во Работнички.

„Луѓето чие мислење многу го ценам ми имаат кажано дека играчката приказна треба да се заврши таму каде што е почната и се согласувам со тоа. Можноста за враќање во Работнички првпат се спомена со претходниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, со кого имам огромен меѓусебно респектирање, а истото го сака и сегашниот прв човек, Саша Богдановиќ, со кого исто така има одлично односи. Засега нема што конкретно да се каже, бидејќи треба да се исполнат некои услови. Ќе видиме што ќе излезе од сето тоа“, објаснува тројниот европски шампион.

Во интервјуто тој го спомна и МЗТ Скопје, најголемиот ривал на Работнички, најмногу поради изјавата дадена пред пет-шест години кога се фотографира во сино-белиот дрес и кажа дека сака кариерата да ја заврши во овој клуб.

„Тогаш кога дојдов на натпревар во дрес на МЗТ Скопје така и се чувствував. Но, мора да напоменам дека никогаш во кариерата не сум имал понуда од овој клуб, ниту тогаш ниту сега. А, јас не сум таков сам да се нудам“, дополни Антиќ.

Тој во текот на интервјуто спомна дека неодамна одбил богата понуда за настап во италијански Армани Џинс поради желбата да биде во Скопје заедно со своето семејство, а неофицијално меѓу тие што сакаа да го ангажираат се уште и руски Санкт Петербург и литвански Лиеткабелис.