Сите тестови – негативни: Тодоров ги одбра 12-те кошаркари со кои ќе работи во Скопје!

По серијата лоши вести, меѓу кои беа откажувањата на Стојан Ѓуроски поради Ковид-19 и Кирил Николовски поради желба за одмор, денеска доаѓаат добри информации за селекторот на кошаркарската репрезентација, Александар Тодоров, а тоа се дека тестовите за коронавирусот на сите останати од поширокиот список се – негативни.

Тоа делумно му ја олесни задачата на предводникот на националниот тим, да ги одбере 12-те кошаркари кои денеска ќе почнат со тренинзи во малата сала во спортскиот центар „Јане Сандански“ (18 часот). Од поширокиот список, без двајцата откажани и без интернационалците Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Џејкоб Вајли, кои ќе се приклучат директно во Талин, отпаднаа и Андреј Андоновски поради повреда на скочниот зглоб и Јетмир Зеќири поради приватни причини, како и Адем Мекиќ, Бобан Стајиќ, Марјан Младеновиќ, Ренато Димитриевски и Никола Караколев.

Ова значи дека вечерва на паркетот ќе се појават Љубомир Младеновски, Виктор Ефремоски (Работнички), Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Филип Бакоч, Кристијан Николов (МЗТ Скопје), Марко Симоновски (Кожув), Андреј Митревски (ТФТ), Дамјан Робев (Куманово), Бојан Трајковски (Пелистер), Лука Савиќевиќ и Леонид Тодоровски (МЗТ Скопје Уни Банка), во борба за место меѓу деветмината кои в понеделник преку Софија ќе тргнат на пат кон естонската престолнина.

Македонија во Талин ќе ги одмери силите со Италија (28 ноември) и Естонија (30 ноември), со императив да се дојде најмалку до една победа и тоа по можност против домаќинот со двоцифрена разлика, со што би се покрил минусот од девет поени од првата меѓусебна пресметка во Скопје во февруари.

Пласман на ЕП ќе обезбедат двете најдобри селекции во конкуренција на Македонија, Естонија и Русија, со оглед што Италија е веќе пласирана како еден од домаќините на овој собир на најдобрите на Стариот континент.