Шошкиќ маестрално ја затвори НЦАА-сезоната – до врв го наполни кошот на ривалот (ВИДЕО)

Само еден ден откако беше избран во идеалната дебитантска петорка на конференцијата, македонскиот репрезентативец Андреј Шошкиќ потврди дека признанието не е случајно, откако постигна 35 поени за 37 минути во последниот меч на неговиот Стони Брук во поразот на гостувањето кај Кемпбел (89-96).

За него ова е личен рекорд во НЦАА, во кој реализираше пет тројки од осум обиди. Со овој учинок беше убедливо најефикасен играч на натпреварот. Средбата беше необична и поради составите на двете екипи. Противникот настапи со само седум кошаркари, кои сите добија минутажа, додека кај Стони Брук само пет играчи се запишаа во листата на стрелците, а дури тројца од нив постигнаа 90 проценти од поените на тимот. Поразот значеше и крај на сезоната за Стони Брук, бидејќи натпреварот беше дел од првото коло на плејофот.

Шошкиќ ја завршува својата дебитантска НЦАА сезона со просек од 10,7 поени по натпревар, оставајќи одличен впечаток и покажувајќи дека успешно се прилагодува на американскиот стил на кошарка.