„Рибарите“ ептен го фалат: Македонски стратег по трет пат е тренер на годината на Исланд!

За македонските стручњаци во суперлативи се говори и на Исланд, а најголем „виновник“ за тоа е штипјанецот Борче Илиевски, кој пред неколку дена беше прогласен за тренер на годината во оваа далечна земја во која кошарката доживува вистинска експанзија.

Ова е трето вакво признание за поранешниот тренер на Поло Трејд, Астибо Штиб, кој има работени и во младинските школи Јуниор и Пирати, како и во младинските селекции за играчи до 14 и 16 години. Илиевски, кој веќе 15 години работи во оваа земја и е актуелен тренер на ИР Исланд, претходно, беше најдобар на Исланд и во 2009 и 2019 година, кога седеше на клупата на тимот на КФИ.

Македонскиот стратег е еден од најценетите на далечниот остров и еден од творците на плејада кошаркари, кои потоа напредуваа преку националните селекции. Како резултат на ова се одличните резултати на Исланд на меѓународна сцена во последните години и настапот на последното Европско првенство во 2017 година, на кое ја немаше Македонија.