Кошаркарската репрезентација на Македонија со победа ја почна првата фаза од претквалификациите за ЕП 2021, откако вечерва, со одлична игра во најголемиот дел од средбата, како гости, го совлада најголемиот ривал на првото место, Словачка со 74-66.

Повеќе од крајниот резултат радува играта на избраниците на селекторот Јорданчо Давитков, кои делуваа далеку помотивирани, поборбени и решени да успеат во однос на срамното издание летово кога не успеавме да ја минеме групата со Естонија и Косово во претквлаификациите за СП 2019. Во Војдан Стојановски и Ричард Хендрикс имавме вистински лидери, но и сите останати дадоа максимум од своите можности, што резултира со добра игра и исклучително значајна победа.

Неизвесно беше само во првата четвртина, кога двете селекции се менуваа во водство, по што жолто-црвените ја презедоа контролата врз играта и врз резултатот. Во последните седум минути од вториот период, нашите кошаркари направија серија 18-3, која им донесе неочекувано убедливо водство на крајот од првото полувреме (44-30). Предводени од В. Стојановски и Хендрикс, кои заедно постигнаа 30 поени во овој дел од мечот, слично влеговме и во третата четвртина во која дојдовме до највисоките на мечот плус 18 (57-39).

И, кога помисливме дека преостанува само формалност во последните десет минути, падна концентрацијата на избраниците на Давитков, кои влегуваа од грешка во грешка. Словаците ова максимално го искористија и со 12 поени во низа на стартот од четвртата четвртина намалија на само четири поени разлика (55-59). Но, на наша среќа, противникот во овој дел од играта и направи еден куп грешки во нападот, што беше доволно жолто-црвените да го намалат притисокот и да ја задржат предноста која им донесе голема победа.

Ангажманот на Хендрикс се покажа како полн погодок, откако Американецот со македонски пасош беше централна фигура на вечерашниот дуел со 21 поен и 13 скока. Веднаш зад него беше В. Стојановски со 20 поени од кои 16 во првото полувреме. Дамјан Стојановски и Стојан Ѓуроски реализираа по осум поени.

Тримфот во Попрад за Македонија значи и огромен исчекор кон првото место на табелата во групата во која е уште и Швајцарија. Директно во следната претквалификациска фаза оди само лидерот поради што вечерашната победа над директниот ривал е како злато вредна. Следниот меч за жолто-црвените и е в недела, кога во „Јане Сандански“ ќе ја пречекаат Швајцарија.