
Проблем пред гостувањето за историја: Симиќ ќе го пропушти мечот во Талин!
Селекторот Александар Јончевски непосредно пред заминувањето кон аеродром доби непријатна вест, а тоа е дека можеби единствениот класичен центар во ростерот, Теодор Симиќ, мора да остане во Скопје поради повишена телесна температура (39 степени). Неговата здравствена состојба не му дозволува да биде во комбинација за овој натпревар, поради што е решено да не патува и да се обиде да закрепне за пресметката со Полска во понеделник во СРЦ „Кале“. Од останатите, па пат кон естонската престолнина нема да тргне и Андреј Шошкиќ, кој ќе остане дома и ќе ја чека својата шанса за последниот дуел од квалификациите за континенталниот собир.
Македонија на оваа средба ќе настапи со двајца евролигашки кошаркари во ростерот и тоа Ненад Димитријевиќ од Олимпија Милано и Ти-Џеј Шортс од Парис баскет, кои секако имаат далеку поголем кредибилитет и рејтинг од сите во противничкиот тим. Пред февруарскиот циклус, Естонија и Литванија имаат скор 3-1, а Македонија и Полска се со учинок 1-3, со напомена дека Полјаците играат без мотив бидејќи се веќе пласирани како еден од четирите домаќини на ЕП 2025, заедно со Кипар, Финска и Германија. За пласман на континентален собир по пауза од една деценија ни требаат победи на гости против Естонија (минимум шест разлика) и против Полска дома во понеделник, но и пораз на Естонците на гостувањето кај Литванија во последната рунда од квалификациите.