„Знаевме дека ќе биде тешко, мило ми е што победивме пред нашата публика!“

Актуелниот македонски шампион Пелистер славеше во дуелот против Динамо Букурешт со 25-24 во 12. коло од Лигата на шампиони (ЛШ), по што тренерот Раул Алонсо им честита на ракометарите за успехот.

Пелистер со оваа победа ги задржа шансите за пласман во осминафинале на елитното ракометно натпреварување, а Алонсо беше посебно задоволен од начинот на кој го оствариле триумфот.

„Им честитам на ракометарите за одличниот натпревар. Игравме против силен тим, ми се допадна како опбедивме. Знаевме дека мечот ќе биде многу тежок, но останавме обединети до крајот. Баравме решенија кога не ни одеше најдобро, ги искористивме шансите и заслужено победивме. Во првото полувреме имавме добар почеток, но потоа Динамо покажа квалитет. Сепак, ние во вториот дел покажавме карактер. Можеби имавме и среќа на крајот, но победивме. Јас сум среќен и мило ми е што победивме пред нашата публика“, кажа Алонсо.

Пелистер и Висла Плоцк имаат по осум бодови по 12 одиграни меча, па во последните две кола ќе се борат за пласман на позиција која води во осминафинале.