
Митревски херој во Битола: Пелистер го совлада Динамо Букурешт
Пелистер водеше во речиси цело прво полувреме, па во еден момент поведе со три голови разлика (7-4), откако Динамо Букурешт направи многу грешки во нападот и беше неколку минути без погодок.
Битолчани се соочија со идентична криза во завршницата на првото полувреме, кога Динамо успеа да го сврти резултатот во своја корист и да поведат со 13-12.
Во второто полувреме се водеше голема борба на паркетот, а битолчани повторно го преземаа водството и го чуваа до самиот крај, додека голманот Никола Митревски беше извонреден на голот на Пелистер.
Митревски беше херој на македонскиот шампион, откако во последните секунди одбрани удар на Динамо Букурешт за израмнување.
Македонскиот голман го заврши натпреварот со 13 одбрани, додека најефикасен беше Домен Тајник со шест голови. На спротивната страна најдобар беше Станислав Каспарек со пет погодоци.
Пелистер и Висла Плоцк имаат по осум бодови и се наоѓаат на делба на шестата позиција во групата А, која води во осминафинале на ЛШ.
Во вториот натпревар, кој се играше од 20.45 часот, Барселона го надигра Кјелце со 30-28.