Македонската кошаркарска репрезентација денеска официјално почна со подготовките за февруарскиот циклус натпревар од квалификациите за ЕП 2021, во кои силите ќе го одмериме со Естонија (дома) и со Русија (гости), предводена од најмладиот досега стручен штаб на чие чело е новиот селектор, 46-годишниот Александар Тодоров.

Негови помошници се Горан Самарџиев (39), Ѓорѓи Кочов (35), Никола Василев (35) и Никола Велев (30), што дава просек од 37 години на луѓето задолжени за стручниот дел во националниот тим, што е сигурно меѓу најмалите просечни возрасти во досегашната историја на жолто-црвената чета.

На првиот тренинг не беше присутен само Ненад Димитријевиќ, кој се очекува да се приклучи во текот на претстојниот викенд, а на паркетот за првпат на сениорско ниво се појавија Андреј Јакимовски, Марко Миладиновиќ, Филип Бакоч и Виктор Ефремоски. Во репрезентацијата повторно е и Кристијан Николов, кој е влезен во историјата како најмлад дебитант во историјата на макбаскетот кога со 15 години, осум месеци и девет дена настапи на пријателски натпревар токму против Русија. Тоа беше во 2012 година во пресрет на предолимпискиот турнир во Венецуела, на кој, за жал, нашите репрезентативци не се изборија за пласман на ЛОИ во Лондон.

Местото за интернационалец во овој циклус е наменет за Шејн Витингтон, кој настапува за шпански Реал Бетис. Македонскиот тим ќе тренира во салата „Борис Трајковски“, каде што в недела ќе одигра пријателски меч со Гостивар, а на 20 февруари ќе ја пречека Естонија. Три дена подоцна ќе им гостуваме на Русите во Перм.