Победа на вториот тест за кошаркарите: Македонија ѝ се реваншираше на Црна Гора

Македонската кошаркарска репрезентација ѝ се реваншираше на Црна Гора во втората контролка во подготовките за претквалификациите што нѐ очекуваат, па вечерва црвено-жолтите славеа со 65-58 во СЦ „Јане Сандански“.

Македонија убедливо загуби на првиот тест-меч со 59-81, па денеска успеа да победи во пресметката и тоа со серијата 12-1 по стартот на последниот период кога исчекоривме кон победата, па разликата беше недостижна за Црна Гора на овој меч.

Последен пат Црногорците водеа со 53-51 во воведните минути од четвртата четвртина и оттогаш избраниците на селекторот Драган Бајиќ успеаа да дадат 12 поени, а заиграа и одлично во одбраната, па негативата од минус два ја претворија во плус девет (63-54) и потоа само рутински го приведоа мечот до крајот.

Црна Гора одлично го отвори мечот во првиот дел во кој Македонија даде само осум поени, па експресно се најдовме во негатива од 12 разлика (8-20), но потоа следеше наш извонреден одговор во вториот период во кој комплетно го свртевме мечот, одлигравме напаѓачки фантастично со дури 30 поени (30-11 во вторите десет минути) и на паузата имавме плус седум (38-31).

Највисоките плус десет за Македонија на стартот од третиот период (41-31, па 43-33) успеавме да ги прокоцкаме, прво Црна Гора да дојде на плус четири, а потоа осумте поени во завршницата да ги стопи на само поен негатива на крајот (49-48). И на крај решаваше последниот период во кој нашата серија од 12-1 по последното водство на противникот ни ја донесе победата.

Вајли даде 15 поени, Мекиќ имаше 12, а Магдевски погоди 10 поени.