Пешиќ по дебаклот на Србија: Не ја потценивме Финска!

Селекторот на српската кошаркарска репрезентација, Светислав Пешиќ вели дека офанзивните скокови на Финска го решиле натпреварот против Србија.

Србите синоќа доживеаа шокантна елиминација од Европското првенство откако загубија од Финска. Пешиќ се обиде да ги најде причините за неуспехот.

„Честитки за Финска, одиграа фантастичен натпревар и заслужено победија. Ако некој мисли дека ние како репрезентација на Србија ја потценивме Финска, тоа не е вистина. Знаевме пред натпреварот каков е нивниот тим, како играат, како шутираат и како фаќаат скокови“, вели Пешиќ.

„Најдобри се на турнирот по тоа со офанзивни 16 скокови по натпревар. Вечерва и имаа 20 такви, а тоа за нас беше пресудно. Не најдовме решение за нив. Скокот беше клучен бидејќи изгубивме од Финска која шутираше со 41 проецнт, но дадоа 92 поени, што касно покажува колку е важно да имате добра одбрана. Не успеавме да најдеме решение за нивниот офанзивен скок, а тоа им даде самодоверба и допринесе за нивните тројки“.

Пешиќ вели дека атмосферата во тимот била добра, но физичката подготовка, проблемите со повреди и вирус, имале влијание.

„Не се победува поради атмосфера. Се победува поради квалитете и знаење. Не бевме физички подготвени на тоа ниво, а некои наши играчи имаа вирус. Јовиќ имаше проблем и не тренираше освен денеска. Тие работи не се изговор, но бараме оправдувања. Но, но ваков турнир мора да бидете физички подготвени и морате да почувствувате контакт, да бидете присутни на теренот. Ние не го направивме тоа“.

„Требаше да бидеме поагресивни, подобри во играта еден на еден, тимската одбрана беше лоша. Иако имавме добри моменти на другите натпревари, овојпат не бевме на ниво“.

„Фокусот беше максимален, сите беа комплетно посветени на овој натпревар, но не ја искористивме нашата шанса“.