Шкендија има најголем приход, Вардар прави најголем профит!

Фудбалот во светот одамна не е само спорт, тоа е и бизнис во кој се вртат милијарди евра. Македонија е многу далеку од некои сериозни финансиски бројки, но и во нашиот фудбал парите влијаат на резултатите.

Парите во фудбалот доаѓаат од трансфери на играчи, спонзорства, тв права, маркетинг, фан шопови, продажба на билети, пијалоци... клубовите во светот едноставно се компании кои на секој начин гледаат да направат колку што е можно поголем приход и да го зголемат профитот.

Најголемиот дел од македонските клубови функционираат без долгорочен план, се крпи колку да се помине сезоната, а потоа се размислува на наредната. Често се импровизира, наместо да се планира.

А не треба да се оди далеку, доволно е да се препише од соседите каде за разлика од кај нас фудбалот има развојна динамика во секој поглед. Таму парите кои се инвестираат и заработуваат се во значително поголеми количини.

Но и покрај таквото функционирање на македонските клубови, фудбалот и кај нас е спорт во кој се вртат најмногу пари.

Порталот pari.com.mk направи финансиска анализа за македонскит клубови врз база на финансиските извештаи до 2024 година. (може да ја прочитате на овој ЛИНК)

Според приходите кои ги инкасира, актуелниот шампион Шкендија има најмногу. Минатата 2024 година ја завршиле со 2.487.600 евра приход, што е за десетина проценти помалку од 2023 кога приходот им бил 2.776.500.

Втор клуб според приходот е Струга ТЛ која во 2024 година на сметката привлекла 1.528.800 евра, трет е Силекс со 1.052.300.

Што се однесува до профитот, тука апсолутен лидер е Вардар. Црвено-црните во 2024 година имале профит од 245.400 евра. Интересно, и покрај тоа што ФК Победа е во тешка ситуација, минатата година имала профит од 49.800 евра и се наоѓа на второто место, трет е Борец со 26.300 евра.