Падна Синер: Алкараз го освои УС Опен и го презеде првото место на АТП листата

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз по вторпат триумфираше на УС Опен откако вечерва во уште една класика го совлада својот најголем ривал Јаник Синер со 3-1 (6-2, 3-6, 6-1, 6-4).

Тоа е шести Гренд слем трофеј во кариерата на 22-годишниот од Мурсија кој, меѓу другото, му обезбеди враќање на првото место на АТП листата по пауза од две години. Ова беше трето Гренд слем финале меѓу Алкараз и Синер оваа сезона и втора победа на шпанскиот тенисер, по онаа на „Ролан Гарос“.

Својот триумф тој го најави уште во првиот гем кој го освои на сервис на Синер, потоа зеде уште еден брејк и без поголеми проблеми дојде до водство од 1-0 во сетови. Лесно можеше вториот сет да почне идентично како првиот, Алкараз имаше брејк топка во првиот гем, но не ја искористи, а казната стигна во четвртиот во кој Синер го освои сервисот на својот ривал за водство од 3-1 во тие моменти. Подоцна стигна и израмнувањето во сетови, но тоа беше се од италијанскиот тенисер вечерва.

Алкараз помина како фурија низ третиот сет во кој водеше со 5-0, а го освои со 6-1, за во четвртиот да направи брејк при 2-2 и потоа да ја искористи третата меч топка за конечна победа.

Шпанскиот тенисер утре ќе се врати на чело на АТП листата по 10 септември 2023 година кога му го предаде тронот на Новак Ѓоковиќ. Синер застана на првото место на 10 јуни 2024, таму помина 65 недели, но од утре ќе биде второпласиран бидејќи Алкараз ќе ја почне 37. недела на врвот. Тој има услови таму да остане таму долго време бидејќи до крајот на сезоната не брани многу бодови, за разлика од Синер кој ќе има навистина тешка задача.