Европскиот првак гази: Шпанија ѝ го нанесе на Турција најголемиот пораз во 21. век (ВИДЕО)

Актуелниот европски првак Шпанија има гол-разлика 9-0 по два меча од квалификациите за Светското првенство, двата одиграни на гостински терен.

Откако во четвртокот ја победи Бугарија со 3-0, вечерва „фуријата“ во Коња ја совлада Турција со 6-0, нанесувајќи му го на својот ривал највисокиот пораз во 21. век. Турците лани и во 2021 година примија по шест од гола, од Австрија и Холандија, но барем постигнаа еден, а со 0-6 не загубиле од 1984 година. Највисоките порази воопшто во историјата на турскиот национален тим се по 0-8, доживеани од Полска во 1964 и Англија во 1984 и 1987 година.

 

 

Катастрофата на домашната селекција ја најави Педри уште во шестата минута, а до крајот на полувремето, Мерино погоди два пати на асистенции на Ојарзабал. Канонадата продолжи и во вториот дел кога од 53. до 62. минута уште три пати се тресеше мрежата на Турците. Прво Торес, потоа Мерино кој го комплетираше својот хет-трик, а заврши оној кој ја почна серијата - Педри.

Германија не дозволи уште една сензација на стартот од квалификациите за Мундијалот по дебаклот од Словачка во првиот меч, пред три дена. На домашен терен, Германците ја совладаа Северна Ирска со 3-1, но имаа проблеми до 69. минута до кога на семафорот стоеше 1-1. За среќа на фановите во Келн, Амири и Вирц погодија и Германија ги запиша првите бодови во овој циклус.