Несреќата не оди сама - уште еден играч на ПСЖ пред долга пауза

Европскиот првак ПСЖ го снајдоа низа малери последните денови поради што може да трпат резултатите во Лигата на шампионите.

Тренерот Луис Енрике паднал од велосипед и ја скршил клучната коска поради што мора на итна операција, во петокот се повреди најдобриот играч во тимот Усман Дембеле, а слична судбина доживеал и еден од најдобрите млади фудбалери во светот Дезире Дуе. Тој има повреда на листот поради што го очекува пауза од околу четири недели, додека Дембеле ќе паузира безмалку месец и пол.

Сето ова значи дека ПСЖ најверојатно ќе биде драстично ослабен за дуелот против Барселона кој е закажан за второто коло од Лигата на шампионите, на 1 октомври во Каталонија. Во најдобар случај Дуе би играл на тој меч, но како резерва, додека Дембеле е тотално загубен за ПСЖ.

Не е исклучено и на клупата да не биде Луис Енрике што ќе ја направи уште потешка работата за актуелниот освојувач на Лигата на шампионите.