
Невидено досега во светскиот спорт: Сопругот против сопругата за светската титула
По фантастичните полуфинални дуели, јасно е дека претстои уште една спектакуларна пресметка со одлична атмосфера од трибините, но денешниот меч носи и еден куриозитет. Меѓу себе ќе се бори брачна двојка и само еден од сопружниците дома ќе си замине со светскиот трофеј.
На едната страна е турскиот селектор Даниеле Сантарели, а на другата е неговата сопруга, италијанската репрезентативка Моника де Џенаро. Двајцата заедно работат во италијанскиот прволигаш Конељано со кого претходната сезона освоија пет трофеи: Лига на шампиони, Светско клупско првенство, Серија А1, Куп на Италија и Суперкуп, но двајцата не можат да дојдат до шестиот пехар.
Сантарели веќе беше светски шампион со Србија во 2022 година, а на Де Џенаро ѝ недостасува само уште оваа титула за да ја комплетира неверојатната колекција во својата кариера.
Двајцата се во брак од 2017 година, исходот од денешниот меч сигурно нема да влијае на нивниот однос, но секако двајцата подеднакво силно посакуваат да успеат. Турција никогаш досега не освоила медал на светските првенства, а Италија единствен пат беше планетарен првак во 2002 година.