Нов срам: Антиќ како прв човек на КФМ ги повика Србите да гласаат за Вучиќ (ВИДЕО)

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ, продолжува да покажува дека го „боли уво“ за македонската јавност и за критиките што ги добива за активно учество во кампањата за партијата СНС во Србија.

Тој синоќа се појави на спот на кој јавно ги повикува граѓаните на северниот сосед да гласаат за српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата листа „Србија не смее да застана“ на претстојните парламентарни избори закажани за една недела. Антиќ во спотот не се појави како обичен граѓанин, туку се декларира и претстави како предводник на македонската кошарка, што исто така е срамно, а многумина би рекле и задвор од етичките, морално, а можеби и од законските норми.

„Како што во кошарката навивачите се нашата сила, во политиката е народот. И го чуваме грбот на Аца (Александар Вучиќ н.з). Јас сум Перо Антиќ, поранешен кошаркар, сегашен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија. Се гледа што работат Вучиќ и луѓето од Владата, дека се помага, дека се инвестира во спортот, во инфраструктура, така што нема зошто да не го поддржиме ние тоа. Кога е стресот во прашање, тука е и тимот. Тимот е секогаш тука да те крене во вистинскиот момент, така што тој е капитен, а неговиот тим го следи. Ништо друго, одиме понатаму и секако на 17. знаеме што треба да направиме. Погодете во вистинскиот кош! Гласајте за вистинскиот! Србија не смее да застане! Александар Вучиќ“, гордо кажа Антиќ во спотот кој беше споделен на социјалните мрежи на претседателот на Србија.

Антиќ пред извесно време пред камерите официјално потпиша поддршка за Вучиќ и неговата партија, што е директно учество во политички чин, кој е забранет за човек кој се нарекува претседател на КФМ. На клубовите, но и на државните органи е тоа да биде прекинато во што е можно поскоро време со гласање или налог за смена, по што тој ќе има доволно слободно време, но и кредибилитет да се занимава со политика без никаков притисок од јавноста.

Ова не е првпат Антиќ да ја искористи, а според многумина и да ја злоупотреби претседателската функција во КФМ, откако пред неколку години на Црвена звезда за која играше и за која навива ѝ ја честита титулата во АБА на меморандум на Куќата на кошарката и со песна на Делии. Такво нешто не направи за ниту еден друг клуб, особено не за Партизан кој минатата сезона беше најдобар во регионот.