Ништо ново: Четврта „нула“ за младинците на второлигашкото ЕП во Португалија! (ВИДЕО)

Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија го претрпе и четвртиот пораз на Европското првенство (ЕП), дивизија Б, откако доцна синоќа загуби во првата пресметка во борбата за пласман од 9-16 место против Естонија (67-84).

Ова значи дека жолто-црвените денеска ќе ги продолжат битките за класификација помеѓу 13. и 16. позиција на второлигашкиот континентален собир, а прв противник денеска ќе ни биде Унгарија (17.15 часот). Со победа ќе играме за 13., а ако загубиме за 15. позиција на првенството.

Во пресметката со Естонците шансата за евентуален триумф ја загубивме уште во првата четвртина, во која противникот брзо дојде до двоцифрена предност, по што сѐ беше само рутинско одработување на задачата. Повторно лошиот шут за тројка (2/17) и големиот број загубени топки (18) беа главните причини за неуспехот на избраниците на селекторот Дарко Радуловиќ.

Најефикасен во нашиот тим беше Павле Михајловски со 17 поени, Славчо Темелковски постигна 14, а Андреј Настовски 13 поени.

Македонија претходно загуби од Белгија, Португалија и од Словачка, а го победи Луксембург.