Настапот на кошаркарите во Талин ќе го гледаме на странска телевизија и на – туѓ јазик!

Тоа што во февруари беше најавено како историско „сефте“, следење на настапите на кошаркарската репрезентација на Македонија низ пренос на странска телевизија со коментар на туѓ јазик, ќе продолжи и во ноемврискиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2022, откако е потврдено дека и преносите од турнирот во Талин ќе „одат“ на регионалниот спортски канал „Спортклуб“.

Тоа што подолг период е реалноста за фудбалската селекција, полека станува секојдневие и за нашите најдобри кошаркари, кои утре ќе ги одмерат силите со Италија (15 часот), а в понеделник ќе го одиграат клучниот натпревар против домаќинот Естонија (19.30 часот). Според ова, македонските спортски вљубеници, барем тие на кои им е достапен каналот Спортклуб 3, утре ќе може да го следат натпреварот на жолто-црвените со коментар на хрватски јазик. Ова, пак, значи дека ниту една македонска национална телевизија нема да ги пренесува возбудувањата од салата „Саку Сурхал“, што значи дека изборот ќе биде или следење на средбата преку популарните апликации за резултати во живо или, пак, слушање како презимињата на избраниците на селекторот Александар Тодоров ќе бидат кажувани со хрватски акцент.

Колку сето ова да не ни се допаѓа, тоа е реалност во моменталните односи во светот на телевизиските права, а на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) е само да ја научи лекцијата од фудбалските колеги и да се обидат да се изборат барем домашните натпревари да бидат пренесувани со македонски коментар. Таков беше случајот во фудбалските квалификации за Евро 2021, за кои исто така правата ги имаше Спортклуб.