Младите кошаркари по вторпат ја совладаа Србија

Македонските кошаркари до 18 години триумфираа против Србија со 61-53 во вториот пријателски меч, кој се одигра во Зрењанин.

Србите подобро го отворија мечот против Македонија и ја добија првата четвртина со 19-12, но до полувреме македонските кошаркари направија целосен пресврт и заминаа на пауза со 30-29.

Во вториот дел продолжи тешката битка на теренот, а Македонија зголеми на четири поени разлика (40-36), по што во последната четвртина целосно го скрши противникот.

Најдобар во тимот на Македонија беше Филип Наков кој постигна 15 поени, додека Амар Хот даде 12 поени.

Репрезентацијата на Македонија до 18 години ќе игра на ФИБА Челенџер турнирот во Скопје, кој ќе се одржи од 3 до 8 август.

ФОТО: КФМ