Младинците загубија од Словенија - ги чека тешка борба за опстанок во елитата (ФОТО)

Младинската кошаркарска репрезентација ја чека тешка битка за опстанок во елитната дивизија, откако попладнево загуби во осминафиналниот дуел против Словенија (71-82) во најдобро одигран меч на ЕП во Полска.

Лошиот старт скапо ги чинеше жолто-црвените, со оглед што домашинот на шампионатот само во првите десет минути делуваше поквалитетен ривал. Словенците брзо дојдоа до водство 23-6, но кога сите чекаа уште една катастрофа на нашите момци, тие почнаа да играат многу подобро. Тие полека, но сигурно почнаа да ја намалуваат негативата, па дури дојдоа и на само минус четири (31-35) пред крајот на првото полувреме.

Жолто-црвените во ист стил продолжија и во третиот период во кој двапати имаа минимално водство (44-43, 47-46), но тоа беше се што направија. Словенија врати со серија 16-4 и пак дојде до двоцифрена предност (62-51) која потоа умешно ја одржа до самиот крај. Ненад Јовановиќ со 19 поени беше најпрецизен во нашата чета, додека зад него беа Андреј Шошкиќ со 15 и Теодор Симиќ со 14 поени.

Македонија сега ќе игра за пласман од 9-16 место во кое ќе се обиде да избегне пласман на последните три места кои водат во Б-дивизијата. Наш следен противник е поразениот од пресметката помеѓу Италија и Полска (15.30 часот), меч кој ќе го одиграме задутре.