Македонската младинска репрезентација го освои претпоследното место на Европското првенство во Полска откако дури во последниот меч ја оствари првата победа.

Во мечот за 15. позиција, нашите кошаркари ја победија Црна Гора со 81-69 за барем делумно да ја спасат честа и да го избегнат „фенерот“ на првенството. Натпреварот немаше големо резултатско значење бидејќи ионака двете репрезентации догодина ќе играат во Б-дивизијата.

Клучни за победата на македонската репрезентација беа втората и третата четвртина кои ги доби со вкупен резултат 51-27 и тогаш ја создаде предноста која беше доволна да дојде до триумф. Победата ќе беше и поубедлива ако Македонија не му дозволеше на противникот серија од 10-0 во последните три минути од мечот.

Теодор Симиќ со 15 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, а се истакнаа уште Стојаноски и Бојчев со по 13 поени, Бошалески со 12 поени и Иванов со 11 поени.