Македонија прегазена од голобрадо момче кој игра за претпоследниот тим во шпанската – Втора лига!

Македонската кошаркарска репрезентација непријатно беше изненадена во синоќешниот дуел на домашен терен против Естонија (72-81), прв во квалификациите за пласман на ЕП 2021, во кој најголем „виновник“ за нашиот пораз беше голобрадо момче во противничкиот тим кој игра во шпанската – Втора лига.

Станува збор за Кристијан Куламае, кој има 20 години и кој игра за екипата на Реал Кану, која е исто од Мадрид како великанот со исто име, но настапува во таканаречената ЛЕБ Оро, која е второ по ранг натпреварување во Шпанија. Тимот на Естонецот е претпоследен во оваа конкуренција, со големи шанси следната сезона да се најде дури и во Третата лига.

Куламае одигра 34 минути на синоќешната пресметка во „Борис Трајковски“ и постигна дури 31 поени со три скока и пет асистенции. Младиот естонски кошаркар реализира пет тројки од девет обиди, погоди седум од осумте упатени шута за два поени, а промаши едно од трите слободни фрлања. Ова му донесе убедливо најголем коефициент на успешност од сите актери на теренот, вкупно 31.

Естонија е наш директен конкурент за пласман на ЕП 2021, поради што синоќешниот пораз двојно повеќе боли. Во нашат група е уште и фаворизираната Русија, која синоќа убедливо загуби на гости кај подмладената Италија (64-83). „Аѕурите“ се еден од четирите домаќини на следниот континентален собир, поради што играат вон конкуренција односно имаат обезбедено пласман. Останатите три селекции ќе се борат за преостанатите две визи.