Двете августовски убедливи победи на противникот внесоа разбирлив страв во жолто-црвената селекција пред вечерашната пресметка, но вечерашниот дуел во Гевгелија покажаа дека Норвешка би можела да биде фаворит против Македонија само во фудбал или ракомет, но никако не во кошарка.

Со гранитна цврста одбрана го приморавме противникот буквално да ги скрши обрачите во салата „26 април“, со што дојдовме до убедлива победа над Скандинавците со 58-36, која, пак, значи и огромен исчекор кон пласман во квалификациите за ЕП 2025. Македонските кошаркари сега се лидери со 3-0 во претквалификациската група како единствена селекција без пораз, а ако победиме и в недела дома против Данска тогаш веќе може да кажеме дека се враќаме во друштво на најдобрите 32 репрезентации во Европа, од каде што никако и не смеевме да испаднеме.

Најава за ваквиот исход дојде уште кон средината на првиот период кога веќе имавме плус шест (9-3), а конечниот епилог веќе можеше да се види во вторите десет минути кога со осум поени во низа дојдовме до 32-15. Противникот во цело прво полувреме постигна 18 поени што е премалку дури и за една четвртина, што доволно говори за нивната очајна игра во нападот, но и за нашата добра дефанзива. Второто полувреме беше само рутина и обид да се дојде до што поголема разлика на крајот, која би била и тоа значајна за реваншот во Норвешка в година во февруари.

Норвежаните ги промашија сите 21 шутеви за тројка, а беа далеку од сјајни во удари за двојка (13/28) односно лоши од линијата за слободни фрлања (10/17), а нивниот досега најдобар кошаркар, Харалд Фреј остана на само 11 поени (3/12 од поле) иако на првите две средби имаше просек од 25,5 поени. Не дека и нашите кошаркари беа подобри шутери бидејќи ја погодуваа речиси секоја четврта тројка (7/28), а вкупно едвај шутираа со 40-отстотка прецизност. На ова треба само да се додаде доминацијата на македонските кошаркари во скок-играта (39-30), што дава појасна слика зошто славевме убедлива победа.

Бојан Крстевски со 14 поени и 10 скока и Војдан Стојановски со 14 поени беа убедливо најдобри во жолто-црвениот состав, додека Ти-Џеј Шортс дебитира со осум поени и осум асистенции. Покрај Фреј, кај гостите двоцифрен поентерски ефект имаше уште и Карамо Јавара со 11 поени.

Во вториот денешен меч од нашата група, Словачка ја совлада Данска со 74-70 за прва победа во претквалификациите. Македонија в недела ќе ги пречека Данците (19 часот), додека Норвешка ќе им биде домаќин на Словаците (18 часот).