Кошаркарите ги избегнаа Хрватска и Бугарија – добија претквалификациска група за мерак!

Македонската кошаркарска селекција има отворен пат за пласман во квалификациите за СП 2027, откако доби релативно лесна група за претквалификациската фаза, која ќе ја играме во август годинава.

Најважно од сѐ е што ги избегнавме Хрватска и Бугарија од првиот барабан, кои според составите и игрите во последно време дефинитивно би биле фаворити во однос на нас, но и што нема да играме со Украина со која и немаме добра традиција. Со Украинците игравме во иста група во квалификациите за СП 2023 и ги загубивме двата меча. Унгарија е селекцијата што ја добивме од најсилниот барабан, што дефинитивно е најдобра опција.

Од последната по квалитет група, пак, ја добивме Романија, која е ривал со кого одамна не сме играле официјални средби, но кој е без некој позначаен успех на меѓународна сцена. Пласман во квалификациите ќе обезбедат двете најдобри репрезентации од секоја од четирите групи.