Кошаркарите ги чека пекол во Талин - ќе играат пред 7.000 фанатични Естонци (ФОТО)

Македонската кошаркарска репрезентација за три дена (петок) ќе го одигра најважниот меч во последната деценија и тоа на гости против Естонија, каде што не само што мораме да победиме туку тоа треба да биде со најмалку шест поени разлика за да ги задржиме шансите за пласман на ЕП 2025.

Тоа воопшто нема да биде лесна мисија за избраниците на селекторот Александар Јончевски, не само поради квалитетот на противник чиј состав е полн со интернационалци од Шпанија, Италија, Литванија, Полска и Германија, туку и поради пеколната атмосфера која ќе ги чека во „Унибет“ арената во Талин. Билетите одамна се распродадени, без разлика на цените кои се движеле помеѓу 12 и 120 евра, што значи дека жолто-црвените ќе се соочат со 7.000 фанатични естонски навивачи, кои сигурно ќе дадат се од себе за да им помогнат на своите миленици да дојдат до настап на вториот по ред, а вкупно седми настап на еден континентален собир.

Македонија на оваа средба ќе настапи со двајца евролигашки кошаркари во ростерот и тоа Ненад Димитријевиќ од Олимпија Милано и Ти-Џеј Шортс од Парис баскет, кои секако имаат далеку поголем кредибилитет и рејтинг од сите во противничкиот тим. Но, тоа истовремено ќе значи проблем во играта под кошот, каде што ќе го немаме повредениот Итан Хап, што значи дека ќе настапиме без вистински центар. Теодор Симиќ најверојатно ќе се врати во составот, но прашање е колку ќе може да даде со оглед на малиот континуитет на настапи на највисока сцена во последните неколку години.

Пред февруарскиот циклус, Естонија и Литванија имаат скор 3-1, а Македонија и Полска се со учинок 1-3, со напомена дека Полјаците играат без мотив бидејќи се веќе пласирани како еден од четирите домаќини на ЕП 2025, заедно со Кипар, Финска и Германија. За пласман на континентален собир по пауза од една деценија ни требаат победи на гости против Естонија (минимум шест разлика) и против Полска дома во понеделник, но и пораз на Естонците на гостувањето кај Литванија во последната рунда од квалификациите.