Конечно најде клуб: Ветеранот Самарџиски потпиша за второлигаш од Турција!

Поранешниот македонски кошаркарски репрезентативец, Предраг Самарџиски (33 год., 215 см), конечно, најде клуб каде што ќе ја продолжи кариерата, откако по повеќедневен пробен период денеска потпиша договор до крајот на сезоната со турскиот второлигаш Самсун.

Станува збор за нов член на втората по ранг конкуренција во Турција, кој не игра најдобро сезонава и кој по четирите стартни порази, викендов, дојде до првата победа во новото првенство. Самарџиски летово беше без ангажман, по крајот на соработката со МЗТ Скопје каде што настапуваше во поголем дел од минатата сезона. Главна причина за неговото враќање во турската кошарка е фактот што тренер на Самсун е Гохан Тастимур, со кого високиот центар соработуваше пред скоро една деценија во екипата на Олин Едирне.

Зад македонскиот кошаркар е богата интернационална кариера, која ја почна во дресот на Партизан во 2004 година, по што следеа настапи за екипи како ФМП, Литвос Ритас, Црвена звезда, Мерсин, ТЕД Анкара, Мега и Бујукчекмеџе. Има трофеј од АБА-лигата, две титула во Македонија и една во Србија, како и настап на турскиот олстар во 2011 година.

Последен пат за репрезентацијата настапи на Европското првенство во Загреб во 2015 година.