КФМ си го нападна селекторот: Андреевски лаже и има задни намери!
Тој ја нападна Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) за организацијата на подготовките и самото ЕП во дивизија Б, на кое неговите избраници дојдоа до златниот медал со скор 8-0, за недостатокот и лошата храна, за наводните вербални закани од спортскиот директор, Марјан Србиновски, негрижата и за многу други работи. Поради тоа, Куќата на кошарката попладнево објави реакција во која не се даваат одговори на начнатите теми, туку се искажуваат флоскули за „успешна работа“ и се искажуваат закани со тужби за селекторот Андреевски.
„Жалосно е и крајно разочарувачки да се даваат вакви коментари од страна на човекот на кој од страна на федерацијата му беше дадена најголема доверба во поглед на реализација на планираните активности на оваа наша национална селекција, за која со право сметавме дека има потенцијал, и дека токму поради она што го носи со себе, одредивме и се избориме да ја добиеме организацијата на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во нашиот главен град. Се со цел тоа да биде „во служба на резултатот“, што се покажа како апсолутно исправен став на федерацијата. Сето тоа креирано со задни намери и поентирање за некои политички цели, а со крајна цел да се намали евидентниот успех на федерацијата, особено од условите, функционирањето и реализацијата на сите планирани активности поврзани со младинските репрезентации“, се вели во дел од реакцијата на КФМ.
Предводниците на македонската кошарка ги демантираат и наводите во делот на немање потребни услови како во хотелот така и во салата во која тренираа и играа јуниорите.
„Сосема неточни и крајно дискутабилни се наводите на селекторот дека федерацијата не обезбедила услови поточно во делот на потребната исхрана која била потребна за нормално функционирање на нашите млади кошаркари. Напротив, сето тоа е реализирано според сите стандарди кои како федерација ги исполнивме и паралелно во постојана комуникација со капитенот на репрезентацијата, исполнети се сите барања кои биле поставени пред нас. Салата во СРЦ „Кале“ е наш дом, така било и ќе остане. Тоа е место кое ги мина сите строги контроли на ФИБА, тоа е ‘базата’ на сите наши репрезентативни селекции, и сосема е логичен изборот да ги играме сите важни натпревари од шампионатот на „домашен терен“. Тоа е голема, огромна предност за овие наши млади кошаркари, да се игра пред домашна публика, пред своите најмили, пријатели, познаници, во атмосфера која креира, и која што на крајот и донесе резултат каков што посакувавме сите ние заедно“, дополнуваат од КФМ.
Одговор има и за наводите за наводните вербални закани од страна на директорот Србиновски.
„Во однос на релациите, извесно е дека за сето изречено од страна на селекторот Горан Андреевски ќе следува и приватна тужба од страна на спортскиот директор на националните селекции Марјан Србиноски. Недозволива е таква дрскост, такво однесување на човек кој ја претставувал македонската кошарка на највисоко, европско ниво, особено што истиот беше вклучен и во сите оние понатамошни средби со претставниците на највисоките раководни функции во државата“, велат од Куќата на кошарката.
Од КФМ на крајот најавуваат и прес-конференција преку која ќе ја запознаат јавноста за притисоците на кои, наводно, биле изложени. Целото соопштение на КФМ може да го прочитате на приложениот линк.