Димтријевиќ и компанија пак испуштија двоцифрено водство

Олимпија Милано пак успеа да прокоцка висока предност и да остане со куси ракави, како што тоа и се случи неколку пати оваа сезона.

Италијанскиот шампион доживеа пораз од најслабиот тим во Евролигата, Алба со 101-105 по продолжение и покрај тоа што во третата четвртина водеше со 13, а на почетокот од последната со 10 поени разлика. И во текот на претходниот викенд Олимпија за малку ќе испуштеше +20 од Венеција во домашното првенство, но тогаш се најде Димитријевиќ во клучните моменти да ја спаси ситуацијата и да донесе победа за својот тим.

Во продолжението од денешниот натпревар Алба поведе со 103-96, Олимпија Милано со тројката на Менион намали на 101-103 на 20-тина секунди пред крајот, но место да прават лична грешка, кошаркарите на италијанскиот тим бркаа по цел терен и загубија драгоцено време за дури потоа да направат фаул, кога веќе беше предоцна.

Ненад Димитријевиќ беше трет стрелец во својот тим со 14 поени, Миротиќ беше најефикасен со 28 (плус 10 скока), а Ледеј додаде 23.

РЕЗУЛТАТИ
Фенербахче - Баерн 87-76
Монако - Црвена Звезда 90-98
Алба - Олимпија Милано 105-101
Олимпијакос - Асвел 94-92
Панатинаикос - Макаби 93-87
Басконија - Анадолу Ефес 84-89
Реал - Виртус 98-86