Јуниорската репрезентација игра Европско првенство, селекторот тврди: Имаме најнеподготвена екипа

Денеска во Скопје почна Европското кошаркарско првенство Б-дивизија во јуниорска конкуренција на кое македонската репрезентација ќе се обиде да избори пласман во елитата.

На почетокот од подготовките, минатиот месец, селекторот Горан Андреевски изјави дека главна цел на нашиот тим ќе биде да влезе во полуфиналето и да се бори за медал.

„Мои очекувања, како селектор, за овој шампионат кој следува, се влез во финалните четири, односно борба за првите три места кои водат во ‘А’ дивизијата наредната година“, рече Андреевски на 26 јуни.

На денот кога почнува првенството, неговото мислење е драстично сменето и тој тврди дека Македонија, заедно со Косово, има најнеподготвена репрезентација.

„Морам да нагласам дека физички гледано, имаме најслаба или најнеподготвена селекција заедно со репрезентацијата на Косово и тоа е еден од клучните фактори кој што треба да го надминеме, а во исто време е огромен хендикеп за нас во однос на другите екипи кои се присутни на првенството.

Јас сум секогаш оптимист кој секој натпревар размислува само за победа. Со повеќе залагање и малку среќа, можеби и би можеле да направиме посериозен резултат. Атмосферата во тимот е на завидно ниво, и има доста позитивна енергија што е секако важен фактор за едно вакво натпреварување“, рече Андреевски.

Македонија е во група со Кипар, Ирска, БиХ, Чешка и Украина, а својот прв натпревар го игра денеска од 18:30 часот против Ирска. За пласман во нокаут фазата, потребно е да освои едно од првите две места на табелата.