Јуниорската репрезентација на Македонија по низата од пет порази по ред, конечно, дојде до првата победа на Европското првенство (ЕП) во Измир, откако попладнево ја совладаа Црна Гора (65-62) со што останаа во игра за опстанок во елитата.

Избраниците на селекторот Тони Симиќ заслужено дојдоа до триумфот, иако со многу осцилации во играта. Тие прво водеа со 20-10 во втората четвртина, но потоа се доведоа во ситуација да имаат минус 11 на стартот од последниот период (46-57). Тоа како да ги налути македонските таленти, кои вратија со серија 15-2 со која го презедоа водството, а кое потоа го одржаа до самиот крај.

Андреј Шошкиќ беше најефикасен со 16 поени, а зад него беа Теодор Симиќ со 13 поени и 14 скока, Петар Бошалески со 13 поени и Тома Стојаноски со 10 поени и 10 скока.

Жолто-црвените клучниот меч за останување меѓу најдобрите во Европа ќе го одиграат утре и тоа против Хрватска (12.45 часот).