И покрај ужасот во Плоешти: Македонија сега има 75-отсто шанси да се пласира на ЕП

Со малку среќа, но и со далеку подобра игра од прикажаната во синоќешниот „среќен“ пораз од Романија во Плоешти, кошаркарската репрезентација на Македонија би можела да настапи на Европското првенство (ЕП) во 2021 година за што во моментов, теоретски, има дури 75-отсто шанси.

Причина за ова е фактот што во квалификациите за следниот континентален собир ќе учествуваат 32 селекции од кои дури три четвртини (24) ќе обезбедат пласман на шампионатот чии домаќини дополнително ќе бидат одредени. Ваквата математика дава сериозна надеж дека по едно прескокнато ЕП, тоа во 2017 година, жолто-црвените повторно би се нашле во друштво со најдобрите во кое бевме редовни во периодот помеѓу 2009 и 2015, а претходно и во 1999 година.

Во моментов се познати 26 селекции кои ќе бидат дел од овие квалификации, меѓу кои се и најголемите гиганти како Шпанија, Србија, Франција, Русија, Германија, Хрватска... Причина за ова е новиот систем на ФИБА во кој ниту една селекција не обезбедува директно учество на европскиот собир, а четирите организатори ќе се добијат дури по завршувањето на овој циклус и тоа од кругот на репрезентациите кои ќе се пласираа на завршниот турнир. Уште две селеции ќе се дознаат в понеделник, кога официјално ќе заврши вториот круг претквалификации, а последните четири ќе станат познати во август кога во период од две недели ќе се одигра третата претквалификациска рунда.

Ждрепката ќе биде одржана во септември, а патниците на ЕП ќе бидат познати по одигрување на четири репрезентативни прозорци и тоа во ноември 2019 и 2020 година односно во февруари 2020 и 2021 година. Планирано е да има осум групи со по четири национални селекции од кои дури по три ќе обезбедат пласман на континенталниот собир, односно само последнопласираната нема да го види следниот шампионат на Европа.