И Грците нѐ преслушаа: Јуниорите ги чека тешка битка за опстанок во елитата!

Македонската јуниорска репрезентација запиша уште еден пораз на Европското првенство (ЕП) вo Измир, и тоа од Грција со 61-77, па поради тоа ја чека тешка битка за опстанок во Дивизијата А.

Македонските кошаркари не го почнаа најдобро мечот, па ѝ дозволија на Грција да избега на осум поени разлика (16-8), а негативата до крајот на првата четвртина се намали само до 17-23.

Грците имаа лош старт на втората четвртина, а тоа го искористи Македонија, која набрзо направи пресврт (29-27), по што имаше падови на двете страни, а на паузата со водство од еден поен заминаа „црвено-жолтите“ (39-38).

Грците повторно блескаа во третата четвртина, каде што ја преземаа предноста на самиот старт и не ја испуштија до крајот на третите 10 минути (54-50), додека Македонија имаже ужасна реализација во обидите за два и три поени.

Како минуваше времето, така стануваше сѐ појасно дека Македонија ќе се соочи со нов пораз бидејќи нашиор јужен сосед по пет минути игра во последниот дел имаше предност од 69-55, по што Грците без многу проблеми стигнаа до 77-61.

Најдобар во македонскиот состав беше Теодор Симиќ со 15 поени, а Евангелос Зугрис постигна 18 поени за Грција.

Македонија не ги загуби целосно шансите за опстанок во елитата, но за тоа им треба победа во следните два меча.