Хендрикс „одговори“ на критиките на Наумоски: Дали сега го заслужува(м) македонскиот пасош?

Дојде еден ден пред заминувањето во Словачка, одработе само два вистински тренинга со новите колеги, но тоа не го спречи да одигра маестрално и да биде еден од најзаслужните за вечерашниот голем триумф на Македонија во Попрад на стартот од претквалификациите за ЕП 2021.

Станува збор за натурализираниот Американец Ричард Хендрикс, кој одигра ѕверски иако дојде како принудна замена за повредените Бојан Трајковски и Ѓорѓи Чековски. За крилниот центар, кој вечерва постигна 21 поен со 14 скока и 33 индекс-бодови, ова беше прв меч во жолто-црвениот дрес по две ипол годишна пауза. Претходно, тој настапи во квалификациите, а потоа и на мечевите од Евробаскетот 2015 во Загреб каде што одигра (пот)просечно.

Токму поради тоа, претседателот на МКФ, Петар Наумоски, сериозно го искритикува Хендрикс, пред сѐ поради неговиот однос и (не)залагање, јавно запрашувајќи се дали тој воопшто заслужува да биде носител на македонски пасош.

Американецот уште на доаѓањето рече дека сака да гледа само напред, но со вечерашниот одличен настап како индиректно да му одговори на првиот човек на македонската кошарка околу тоа дали заслужува да биде Македонец. Сега останува да се види како тој ќе го одигра неделниот дуел против Швајцарија, а потоа дали ќе има некаква реакција од Наумоски во однос на изјавата од минатото и учинокот на Хендрикс во ноемврискиот репрезентативен циклус на ФИБА.