МКФ ги суспендира должниците, виси доигрувањето на лигата!?

Еден ден по оставката на комесарот за натпреварување Владо Цветковски, првите луѓе на Македонската кошаркарска федерација (МКФ) донесоа одлука за суспензија на екипите кои имаат долгови по разни основи, нешто што од нив беше побарано од Работнички и тоа под закана за кривични пријави ако не постапат според актите по кои се раководат.

Неофицијално, според нашите информации, суспендирани се две суперлигашки екипи како и два тима кои играат во Плејаут-лигата. Тоа значи дека овие четири екипи нема да може да ги одиграат утрешните веќе закажани натпревари од 2. коло од овие две натпреварувања без во меѓувреме да ги подмират или остават банкарска гаранција за средствата кои ги должат.

Ова може да донесе дополнителен хаос во кошарката, ако се знае дека Гостивар веќе беше на чекор да остапи од лигата разочаран од односнот кон овој клуб на неодамна завршениот завршен турнир во Купот на Македонија, сметајќи дека биле ограбени од судиите во полуфиналната пресметка со Блокотехна. Во војна со МКФ е и Работнички, по одлуката на Регистрациската комисија (РК) да не издаде лиценца на нивното засилување од САД, Ксавиер Џонсон, која само би можела да биде засилена по вчерашното решение за суспензија на „Градски парк“ за средбите од Суперлигата.

Поради сето ова, за утре (12 часот), во просториите на Куќата на кошарката е закажан состанок на прволигашите на кој ќе се разговара за сите овие проблеми, а се очекува на средбата присутни да бидат и првиот човек на МКФ, Петар Наумоски, како и првите луѓе на Арбитражаната и на Регистрациската комисија, како и тие задолжени за финансиите во федерацијата.

Ако на овој собир не биде најдено задоволувачко решение за сите, тогаш постои сериозна можност лигата да не се доигра, барем не во формат каков што има во моментов.