Гигант од Милано го (зло)употреби Наумоски па остана без - 500.000 долари!

Една навидум обична најава на доскорешниот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ), Петар Наумоски, неочекувано беше причината за голем судски спор помеѓу најтрофејниот италијански тим, Олимпија Милано и поранешниот македонски репрезентативец Џордан Теодор, кој заврши со пораз на „манекените“.

Предводниците на екипата која до неодамна го носеше името Армани џинс минатиот ноември му го раскинале договорот на натурализираниот Американец со образложение дека тој ќе го загуби македонскиот пасош, а токму неговото поседување било причина што тој бил ангажиран. Италијанците ваквиот заклучок го донеле по веста објавена на интернет-страницата на КФСМ пред точно една година, во која е наведено дека се иницира постапка за одземање на државјанството на петмина натурализирани американски кошаркар(к)и меѓу кои е и Теодор.

Без разлика што во подоцнежна постапка е утврдено дека не постојат услови за такво нешто, составот од Милано ја прекинале соработката со искусниот бек, кој останал без клуб иако имал валиден договор со Олимпија за цела сезона 2018/19. Поради тоа, Американецот со наш пасош ги тужел „манекените“ во Светската кошаркарска федерација (ФИБА), која деновиве објави дека пресудила во негова корист. Експериментот на Италијанците не поминал кај Арбитражата на ФИБА, која им наложила да му исплатат 515.000 долари на Теодор што е разликата помеѓу вкупната вредност на неговиот договор (750.000 долари) минус парите кои ги заработил играјќи во тој период за грчки АЕК (200.000 евра).

Низ образложението на пресудата се гледа дека целата причина за спорот е поврзана со Македонија и со пасошот на нашата држава кој го има американскиот кошаркар, односно желбата на „манекените“ да се ослободат од неговиот голем договор користејќи еден неуспешен обид на Наумоски со негова изјава на УО на КФСМ за прочистување на американските редови во македонската кошарка.

Во месеците кои следувале, популарниот Пеце и неговите соработници биле известени од Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Министерството за внатрешни работи (МВР) дека не е така лесно да се одземе веќе дадено државјанство, без разлика што тие кошаркари не ги усполнувале стандардите за кои тој се залагал. Една година подоцна, Теодор и останатите на листата за „отстрел“ сѐ уште имаат македонски пасоши, што е и главната причина ФИБА да пресуди во корист на некогашниот репрезентативец и да му наложи на италијанскиот клуб да му исплати половина милион долари заедно со 48.000 долари за неговиот агент, како и 33.000 евра за судиските и адвокатски трошоци.