Атанасов: Нашата сила е колективот - ќе дадеме сè за да ја израдуваме Македонија!

Македонскиот репрезентативец Јани Атанасов очекува позитивна реакција од националниот тим по двата порази на стартот од новиот циклус во Лигата на нациите и верува дека Македонија може да дојде до добар резултат на претстојниот дуел против Шкотска.

Играчот од средниот ред истакна дека во соблекувалната владее одлична атмосфера и покрај негативните резултати, нагласувајќи дека никогаш не недостигала желба и посветеност кај фудбалерите.

„Се разбира дека има незадоволство по двата порази, но откако сум дел од националниот тим не се сеќавам да било лошо и некој од играчите да не се залагал. Секогаш кога сум бил тука атмосферата била одлична, така е и сега. Ние сме тим кој не може да се потпре само на поединци, нашата сила е колективот“, изјави Атанасов.

Тој изрази голем респект кон следниот противник, но верува дека Македонија може да биде конкурентна доколку го покаже своето препознатливо заедништво. Според него, клучен сегмент за позитивен резултат ќе биде и психолошкиот пристап на домашен терен.

„Шкотска е квалитетна репрезентација, но нас нè краси заедништвото. Мора да го подобриме менталитетот кога играме дома. Ќе дадеме сè од себе за конечно да ја израдуваме Македонија. Потребна ни е поддршката од трибините, а ние ветуваме дека секој што ќе истрча на теренот ќе го даде максимумот“, порача Атанасов.

Натпреварот помеѓу Македонија и Шкотска се игра в сабота, со почеток од 20:45 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.