Капитенот на МЗТ има една желба пред стартот на Суперлигата - да игра во топли сали!
На прашањето што конкретно очекува од новото издание на првенството, искусниот репрезентативец испрати исклучително директна порака која сурово ја отсликува реалноста на домашните терени.
„Од новата сезона во Суперлигата очекувам да играме во топли сали“, изјави Стојановски.
Неговата порака најдобро ги доловува проблемите со кои се соочуваат кошаркарите во речиси сите екипи, со оглед што настапот во доволно загреани сали е проблем речиси за сите суперлигаши, секако во зимскиот период. Што се однесува до спортските цели на „штрковите“, лидерот на тимот од Аеродром потенцираше дека клубот и оваа година важи за апсолутен фаворит за одбрана на круната, а паралелно ќе брка што подобри резултати и на меѓународната сцена.
„Амбициите на МЗТ Скопје се секогаш исти – највисоки. Како и секоја година, така и оваа целите се највисоки и во домашното првенство и во АБА2 лигата, а дополнително сакаме да оствариме што подобар пласман и во ФИБА Еврокупот“, нагласи Стојановски.
Анализирајќи го ростерот и потенцијалот на екипата, тој истакна дека главната предност на македонскиот првак во претстојните битки на три фронта нема да се потпира исклучиво на индивидуалниот квалитет, туку на заедништвото.
„Најголемото наше оружје во сезоната што е пред нас ќе бидат тимската игра и енергијата. Верувам дека токму тие сегменти ќе ни помогнат да ги оствариме поставените цели“, заклучи капитенот на МЗТ Скопје Аеродром.
МЗТ Скопје минатиот викенд го освои Суперкупот со победа против Куманово, а токму против оваа екипа ја отвораат и суперлигашката епизода со меч закажан за вечерва во салата „Јане Сандански“ (19 часот).