Најголемиот англиски талент го напушти Јунајтед и тренира со Барселона

​Иднината на еден од најталентираните млади фудбалери во Европа, Џеј Џеј Габриел, се наоѓа пред голем пресврт. Довчерашниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, кој има само 15 години, во моментов престојува во Барселона, каде што индивидуално тренира.

Габриел минатиот месец побара да го напушти Манчестер Јунајтед и да му биде прекината регистрацијата во клубот. „Црвените ѓаволи“ не го прифатија барањето и сè уште се обидуваат да го убедат младиот фудбалер да остане на „Олд Трафорд“.

Ситуацијата дополнително се усложнува бидејќи Габриел на 6 октомври ќе наполни 16 години. Според досегашните информации, неговото ирско потекло преку татко му би можело да му овозможи да добие европски пасош и да направи трансфер во клуб од Европската унија, иако евентуалниот трансфер би зависел и од одобрение од ФИФА.  Токму Барселона се споменува како една од можните дестинации за младиот Англичанец. Габриел и неговото семејство често престојувале во каталонскиот град, а шпанските медиуми претходно објавија дека токму таму се наоѓал фудбалерот откако ја соопштил желбата да го напушти Јунајтед.

Барса не е единствениот голем клуб кој се поврзува со Габриел. За неговите услуги се заинтересирани и други европски гиганти, меѓу кои Реал Мадрид, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен. Габриел зад себе има импресивен период во младинските категории на Јунајтед. Минатата сезона постигна 26 голови и запиша четири асистенции на 29 натпревари, а беше прогласен и за најдобар млад играч на клубот со наградата „Џими Марфи“. Во новата сезона продолжи со одлични настапи, а на своето деби во УЕФА Младинската лига постигна хет-трик против Сабах.

Манчестер Јунајтед во меѓувреме се надева дека ќе успее да го задржи, но времето истекува. Откако ќе наполни 16 години, ситуацијата околу неговата иднина би можела значително да се промени.