Човекот кој го разоткри Манчестер Сити ќе биде оставен сам!?

Руи Пинто, човекот чии откритија отворија истрага на Премиер лигата против Манчестер Сити, би можел на 10 октомври да остане без државната програма за заштита на сведоци, соопшти неговиот правен тим.

Пинто во 2020 година, откако се согласи да соработува со властите и да ги предаде документите до кои дошол во рамките на операцијата „Фудбал Ликс“, беше вклучен во програмата за заштита на сведоци во Португалија и доби безбедносна заштита и сместување.

Сега неговиот правен тим тврди дека заштитата ќе биде укината на 10 октомври, набрзо откако Манчестер Сити беше прогласен за виновен по 114 точки во случајот кој се однесува на сериозни прекршувања на финансиските правила на Премиер лигата.

„Руи Пинто, кој стои зад ‘Фудбал Ликс’, во средата бил известен дека посебната безбедносна програма која ја користи од август 2020 година ќе биде прекината на 10 октомври“, се наведува во соопштението на неговите адвокати.

Според нивните тврдења, Пинто тогаш би можел да го загуби сместувањето што му го обезбедила државата, додека не е извесно ниту дали полициската заштита ќе продолжи.

Неговите адвокати ситуацијата ја опишуваат како критична и наведуваат дека заканите не се само теоретски. Тие тврдат дека Пинто во април годинава бил физички нападнат во Лисабон, како и дека и понатаму добива бројни закани. Правниот тим особено истакнува дека откритијата на Пинто погодиле моќни поединци и организации, додека бројни постапки кои произлегле од неговите документи сè уште се во тек.