Промоција на КК Скопје: Не мора пак да играме финале - сакаме да создаваме македонски играчи!

Актуелниот кошаркарски вицешампион на Македонија, екипата на Маџари, во новата натпреварувачка сезона влегува со целосно ребрендирање и под новото име КК Скопје, а со новиот идентитет, клубот најавува сериозен долгорочен проект за организациски и спортски раст.

Тимот ќе биде предводен од новиот шеф на стручниот штаб, поранешниот македонски селектор Марјан Илиевски, а дебито на преименуваниот клуб ќе се случи в недела во 18 часот во салата „Јане Сандански“, каде што влезот за премиерниот дуел против екипата на Кожув ќе биде бесплатен за сите љубители на кошарката.

Официјалната промоција на новиот проект се одржа на денешната прес-конференција, каде што раководството и стручниот штаб ги открија своите визии. Тренерот Илиевски нагласи дека се соочиле со предизвици околу формирањето на ростерот, пред сè поради новите правила за намален број на странски кошаркари. Тимот сега се потпира на помлади домашни играчи, предводени од искусниот капитен Марјан Младеновиќ, со цел да се игра енергична и борбена кошарка. Според стратегот, главната цел оваа сезона е клубот организациски да го надмине резултатот на теренот од минатата година.

„Она што се очекува од овој тим е да даде една енергија, на некој начин така и се селектирани, без разлика на искуството, да играме кошарка полна со енергија. Минатата сезона на паркетот бевме подобри отколку во управниот дел, сакаме во новата сезона тоа да го изедначиме, па дури и во управата да сме уште поквалитетни како клуб отколку самите резултати на терен. Мислам дека иницијативата за помал број на странци доаѓа во незгоден период за тренерите и за управата бидејќи потешко се создава тим. Но, од друга страна тоа е голем мотив за овие кошаркари кои се сега да ги подобриме“, изјави Илиевски.

Долгорочната стратегија ја потврди и новиот претседател на клубот, Боро Атанасовски, кој потенцираше дека примарниот фокус ќе биде ставен на развојот на младинските категории и создавањето стабилна спортска база. За раководството, градењето на сериозен колектив и развојот на македонски таленти е поважно од инстантниот резултат.

„Мораме да ја креваме организациската и спортската структура во клубот, тие две работи се врзани и не може да се разделат. Ако не направиме база за во иднина да ги развиваме и младинските категории покрај првата екипа, тогаш тешко дека ќе направиме македонски играчи за во иднина. Нема да биде страшно и ако не стигнеме до финале како лани, но да израснеме како клуб“, истакна претседателот Атанасовски.

Спортскиот директор Далибор Доневски изрази оптимизам за квалитетот на целосно променетиот ростер, најавувајќи бескомпромисна борба за горниот дел од табелата и надградување на ланската успешна спортска приказна.

„Оваа година продолжуваме со приказната што ја почнавме лани, верувам дека мораме да ја надградиме, да бидеме уште подобри. Лани бевме нов клуб, многумина не веруваа во нас, ние го докажавме спротивното на терен. Мое лично мислење е дека сезонава ќе имаме подобра екипа од лани, се надевам и резултатите ќе бидат уште подобри“, порача Доневски.