МКФ ќе бара укинување на пасошите на „нелојалните“ Американци!?

Македонската кошаркарска федерација (МКФ) денеска информира дека на вчерашниот Управен одбор (УО) меѓу другото била донесена одлука да се поднесе барање до Агенцијата за млади и спорт (АМС) и до Министерството за внатрешни работи за одземање на пасошите на дел од странските играчи на кои им биле издадени во изминатиот период.

Ова не би важело за сите, туку само за тие кои „не сакале да настапат за репрезентацијата или пак не одиграле според очекувањата“, но не е наведено за кои кошаркари станува збор и кој, пак, ќе го одреди критериумот според кој ќе се одредни кој од нив (не)задоволил. Ваквиот курс истовремено носи нов проблем при обидот да се дојде до нови странски засилувања, момент кој и не е така далеку со оглед на поодминатата, од играчка гледна точка, возраст на Ричард Хендрикс, кој во моментов е прва опција на селекторот Јорданчо Давитков.

А, токму примерот со Хендрикс опишува колку ваквиот потег на МКФ може да биде избрзан и непотребен, бидејќи токму сегашниот херој на националниот тим, според зборовите на стручниот штаб, беше жестоко напаѓан од претседателот на МКФ, Петар Наумоски, веднаш по ЕП 2015 во Загреб. Уште тогаш тој му се закануваше со одземање на пасошот поради незалагање, до што не дојде, за среќа бидејќи Хендрикс изминатава година и убедливо најкорисниот репрезентативец на Македонија.

Во моментов, од активните кошаркари, македонски пасош покрај Хендрикс имаа неговите сонародници Лестер Бо Мекејлеб, Џордан Теодор, Ромео Тревис, Џеремаја Мејси, Дариус Вашингтон и Маркиз Грин. Освен Вашингтон, кој настапи само на пријателски меч, сите останати имаат одиграно најмалку еден официјален натпревар во жолто-црвениот дрес.

Луѓето од Куќата на кошарката истовремено известија дека ќе ги разгледаат опциите за пријавување за организација на Светското првенство (СП) за кошаркари до 17 години, кое ќе се игра во 2020 година.